Директорот на украинското Специјално обвинителство за борба против корупцијата Олександар Клименко изјави дека западните сојузници можат да помогнат во сузбивањето на корупцијата така што ќе ги екстрадираат лицата кои се под истрага.

Тој додаде дека поголемиот број држави го одбиле барањето на Киев за екстрадиција на осомничени лица за корупција.

– Во 90 отсто од нашите случаи, имаме еден или двајца, или тројца или повеќе субјекти кои се во странство, а процедурата за предавање на тие луѓе на Украина е комплицирана. Земјите во кои се наоѓаат осомничените се Австрија, Шпанија и Велика Британија, истакна Клименко.

Според него олеснувањето на екстрадицијата e „исклучително релевантно“ за напорите на Украина да ја искорени корупцијата, што Европската комисија, извршната власт на ЕУ, ја издвои како предуслов за почеток на преговорите за членство на Украина.

– Истрагата за кривично дело е прилично неефикасна кога не можеме да ги вратиме овие луѓе во Украина за правда, истакна Клименко.

Тој додаде дека земјите обично наведуваат загриженост за безбедноста поради руската војна и условите за притвор во Украина, но оти Киев секогаш гарантирал безбеден притвор на осомничените кои се под истрага.

Клименко (36) претходно работеше како детектив во Националното биро за борба против корупцијата на Украина.