Клиничката болница во Тетово веќе подолго време нема функционални лифтови за пациентите. Многумина се заглавуваат во нив, па с еплашат и да ги користат. Затоа болни лица кои дури и не можат да се движат, по скалите се мачат да стигнат до својот лекар, пренесува Alsat.mk.

„Вака ли секогаш се качувате? Дали се заморувате премногу?“

„Вака ми е секогаш. Застанувам на секое одморалиште бидејќи сум хендикепиран, што да правам…“, нагласи Ирфан Ганиу, пациент.

Ирфан Ганиу вака секој ден се мачи за да се качи по скалите на болницата за да добие медицинска услуга. Лифтовите се плаши да ги користи бидејќи се стари и често се случува да се заглави во нив и да чека помош. Ова се случува и кај други пациенти.

„Воопшто не ги користиме бидејќи не функционираат. Многу малку работат и не се качуваме. Пред три месеци носев пациент пред година дена со мојата сопруга. Таа е инвалид и едвај може да се качи. Овде нема ништо. Многу е тешко, но од зорт мора да се носи горе.“

„Нека берат памет, нека работат малку за народот. Толку се изморувам што кога ќе стигнам на петтиот кат едноставно ќе се онесвестам. Вчера се качив во овој лифт и се заглавив во него.“

„Лифтовите во тетовската Клиничка болница ги ветуваат со години, но единственото нешто што се случува со овие лифтови од време на време е нивно уредување, но не и замена, како што беше ветено. Повеќето од лифтовите овде на хируршкиот блок како што гледате не функционираат“, известува Башким Сулејмани, новинар.

Од болницата за Алсат тврдат дека Министерството за здравство е информирано и работи во насока на обезбедување на лифтови, но за дополнителни информации бевме упатени да се обратиме во министерството. Оттаму неодамна ветија дека наскоро ќе распишат тендер за набавка на седум нови лифтови, но не успеавме да добиеме одговор до каде е тендерската постапка и кога се очекува да се реши овој проблем. Досега се сменија пет директори, но проблемот со лифтовите заедно со ветувањата се пренесуваше од еден на друг и никој не го реши.