Трајко Славески номиниран за иден гувернер со мандат од седум години
На 28 мај, со почеток од 11 часот, Собранието на Македонија ќе одржи пленарна седница. На која ќе се избере нов гувернер на Народната банка. Според објавата на веб-страницата на Собранието, оваа точка ќе биде прва на дневниот ред.
За иден гувернер е номиниран универзитетскиот професор Трајко Славески, долгогодишен кадар од Економскиот факултет. Тој ќе ја наследи актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, а неговиот мандат ќе трае седум години.
Собранието ќе одлучува за Трајко Славески – за гувернер потребно мнозинство од 61 пратеник
Предлогот доаѓа од претседателката Сиљановска-Давкова
Предлогот за именување на Славески го достави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во соопштение потенцираше дека процесот бил тежок поради високиот квалитет на сите кандидати. Таа изјави дека изборот се темелел врз стручност, интегритет и реална можност за успешно водење на институцијата.
„Изборот беше тежок со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати,“ се наведува во изјавата на Кабинетот на претседателката.
Политички поделени ставови околу кандидатот
ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува кандидатурата на Славески, додека опозициските партии ја отфрлија можноста за поддршка, оценувајќи дека се работи за партиски, а не независен избор, што, според нив, претставува отстапување од досегашната практика.
Иако кандидатурата е во согласност со институционалните процедури, реакциите од опозицијата покажуваат дека политичките тензии околу именувањата во клучни финансиски институции продолжуваат.
Извор: Курир