Исланд претставува клучна безбедносна база во услови на зголемени геополитички тензии во регионот, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио за време на неговата официјална посета на Рејкјавик. Тој истакна дека тековната соработка, преку користење на исландското копно, воздушен простор и води, ѝ овозможува на американската војска да демонстрира сила, да ги следи тајните активности и да ги одврати противниците од какво било навлегување на суверената територија на Исланд и на заедничките сојузници.
Шефот на американската дипломатија нагласи дека е од суштинско значење САД и Исланд да ја продолжат и продлабочат безбедносната соработка, бидејќи современите закани во регионот ги надминуваат само воените ризици и опфаќаат и сериозен економски притисок.
Сепак, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за иден билатерален трговски договор, Рубио децидно порача дека ерата на договори за слободна трговија веројатно нема да продолжи во блиска иднина. Тој потврди дека Вашингтон нема намера да потпишува нови договори за слободна трговија ниту со Исланд, ниту со која било друга држава.
Од своја страна, шефицата на исландската дипломатија Торгердур Катрин Гунарсдотир истакна дека Исланд негува исклучително добри односи со САД и потврди дека Рејкјавик е целосно посветен на нивно понатамошно развивање.
