Наставното ливче кое им беше дадено на првооделенците од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ е всушност преземено од австралиска веб-страница „Twinkl“, која содржи наставни материјали што може да ги користат наставниците за време на нивните предавања. Конкретното наставно ливче може да се пронајде во пребарувачот доколку напишете „LGBT history month happy family 2023“ или во превод „месец на ЛГБТ историјата среќно семејство 2023“, на самиот врв ќе ви се појави токму оваа слика на „татко и син“, велат од Коалицијата за заштита на децата, објави Слободен Печат.
Единствената разлика меѓу оригиналното наставно ливче и ливчето што им е дадено на првооделенците е насловот, односно во оригиналот пишува „Рецепт за специјално семејство“, додека другото е насловено „Рецепт за среќно семејство“.
Фото: Принтскрин, https://www.twinkl.com/
Од Коалицијата потсетија на изјавата на директорката на училиштето, Соња Кирковска која потенцираше дека „Во објавената слика, односно завршна активност од часот, се претставени татко со синови и мајка со ќерка (еден пример на еднородителско семејство и пример на згрижувачко семејство)“.
Поради ваквите лаги и манипулации, сметаме дека нема место за г-ѓата Кирковска во образовните институции, со оглед на тоа што таа претставува типичен лош пример за децата. Затоа, бараме под итно да си даде оставка, додаваат од Коалицијата, а од родителите кои ја потпишале изјавата побараа јавно да се извинат и да ја признаат грешката.
Од Коалицијата додаваат дека во самото објаснување на работната задача го пишува следново:
„Самостојни активности за месецот на историјата на ЛГБТ+ Прославете го месецот на историјата на ЛГБТ+ со овој забавен лист со KS1 (за деца на возраст од 5-7 год. – заб.на уред.) активности за славење различни семејства. Овој лист вклучува листа со зборови и образец за пишување за учениците да создадат свој рецепт за посебно и со љубов исполнето семејство. Совршен е за предавања во врска со различноста и еднаквоста за време на месецот на историјата на ЛГБТ+, Прајд месецот или во кое било време од годината.“