Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се обрати пред пратениците од Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Северна Македонија на расправата во врска со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, во кој основните средства за функционирање на обвинителствата се намалуваат за повеќе од еден милион евра од првично предвидените за годинава.
На седницата тој го пренесе ставот и на стручниот колегиум на Јавното обвинителство кој вчера во проширен состав едногласно оцени дека со ваквото кратење се доведува во прашање редовната работа на јавните обвинителства, особено со оглед на тоа што намалување на средства со ребалансот се предлага во речиси сите ставки, вклучувајќи ги и парите предвидени за истражни дејствија, за вештачења и анализи, за одржување на возилата потребни за увид и слично.
„Имајќи предвид дека, претходно предвидените средства во Буџетот за 2024 година беа само половина од она што законски е предвидено да се издвојува за обвинителството и минимално ги покриваа потребите на постапките, секое дополнително кратење во услови на општ раст на сите трошоци ја загрозува работата на јавните обвинителства“, рече Коцевски.
Тој аргументираше дека иако ребалансот на Буџетот сè уште не е усвоен, од сметките на Јавното обвинителство веќе се скратени парите за опрема, во која ставка се склучени договори за претходно планирана и реализирана јавна набавка на информатичка опрема (50-тина компјутери, принтери и скенери) и за кои веќе нема доволно средства за да бидат покриени. Во услови на континуиран раст на цените за режиски трошоци, јавните обвинителства треба да добијат помалку пари од првично предвидените за оваа намена. Се кратат над 80.000 евра за тековно одржување на системите, вклучително и хардверскиот и софтверскиот систем, објектите на обвинителствата и слично. Намалување има и во средствата предвидени за обуки на вработените. Воедно, одбиено е барањето на Јавното обвинителство со ребалансот да бидат доделени средства за назначениот јавен обвинител за врски во Европравда да може непречено да ја извршува својата функција во Хаг и да овозможи соработка со оваа клучна европска институција.