Кризната состојба е добро осмислен период да се донесе Уредбата за двојазичните униформи а да се затскрие оној вистинсkиот проблем кој го има секој полицаец. Тоа е што неговата основна плата која е 3.000 денари помала од законски минималната плата од 18.000 денари.
Претседателот на Синдикатот на Полиција во Македонија (СПМ) Орце Коцевски, вели дека власта треба да се позанимава со суштинската потреба на секој полициски службеник, а тоа е обезбедување на соодветни услови за работа и соодветно покачување на платата.
Спасовски се фали дека ќе ги покачел платите и тоа за понижувачки 5% кои работниците ќе ги земат со платата во месец Октомври оваа година. Во периот кога основните трошоци за живот се зголемени 20 %, 30 % па дури и повеќе замислете дали покачувањето од овие срамни 5% е доволно или не. Јас сметам дека Спасовски со ова срамно покачување го понижува работникот во Полиција, вели Коцевски.
Во СПМ членуваат припадници од сите националности и доколку наведената Уредба е согласно Устав или Закон, Синдикатот нема проблем со тоа.

Лидер: Двојазичните униформи стануваат реалност. Владата ја донесе Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата. Оттаму велат дека оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што според член 8 став (3) е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо“. Каков е ставот на Синдикат на Полиција во Македонија СПМ по однос на ова прашање?

-Јас како Претседател на Синдикат на Полиција во Македонија СПМ нема да навлегувам за тоа дали наведената Уредба која пред неколку дена ја донесе Владата на Република Македонија со која како што сме запознати, симболите на Полицијата во оние населени места каде живее 20 проценти од населението Албанци Турци Роми и други националности припадниците на Полицијата во тие области ќе добијат ознаки на тие јазици покрај македонскиот е во согласност со Закон или не. Ние сме Синдикат во Полицијата, во нашиот Синдикат членови се припадници од сите националности и доколку наведената донесена Уредба е согласно Устав или Закон ние како Синдикат немаме проблем со тоа. Сепак ние сме тука да ги почитуваме како Уставот така и Законите.

Лидер: Што ќе донесат двојазичните униформи во полицијата?

-Јас тука ќе одговорам со конкретно прашање: Како ова ќе му го подобри стандардот на полицискиот службеник Македонец, Албанец, Турчин, Бошњак, Ром ? Сметам дека овојпат навистина Полицаецот без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин ,Бошњак, неговата свест се повеќе расте, проблемот со ниската плата е кај секој и сметам дека веќе е дојдено времето сите заедно конечно да му се спротиставиме на Министерството и лошите политики на Спасовски како Министер, да го кренеме својот глас и да кажеме дека на Полицискиот службеник не му требаат двојазични ознаки, не му требаат униформи со сомнителен квалитет, не му требаат бојлери за топла вода, измислени дисциплински постапки, не му требаат незаконски распоредувања. Денес за жал сеуште имаме полициски станици каде полициските службеници немаат основни услови за работа, немаат затоплување, вода, санитарни чворови, да не зборуваме дека десетици години наназат немаат заштитни средства за работа, немаат сапун и тоалетна хартија. Јас мислам дека сето ова е добро осмислен период да се заскрие оној вистинсkиот проблем кој го има секој полицаец а тоа е што неговата основна плата е околу 3.000 денари помала од законски минималната плата од 18.000 денари. Запрашајте се дали полицискиот службеник вреди да го ризикува сопствениот живот за оваа понижувачка основна плата од 15 – 16.000 денари? Затоа ќе кажам на полицискиот службеник без разлика на националноста МУ ТРЕБААТ ПОВИСОКИ ПЛАТИ за пристоен и достоинствен живот.

Лидер: Ваш став, зошто токму сега после пет години Владата ја носи уредбата во време на воен конфликт, економската и енергетска криза, покачените трошоци за живот, пандемија?

-Сметам дека со лошата политика на Владата и МВР во поглед на стандардот на вработените во Полицијата сето ова има со цел да ги однесе работите во погрешен правец како кај Јавноста така и кај вработените во Полицијата, правење на непотребни тензии кои во овој момент се непотребни. Владата каде партиципира и Министерот Спасовски треба да се бори и да му биде основна цел стандардот на работниците во неговото Министерство. Замислете повеќе од шест години е Министер, платите во Полицијата ги покачи во мал износ само за мала категорија на вработени. И сега се фали дека ќе ги покачел платите и тоа за понижувачки 5% кои работниците ќе ги земат со платата во месец Октомври оваа година. Во периот каде основните трошоци за живот се зголемени 20 %, 30 % па дури и повеќе замислете дали покачувањето од овие срамни 5% е доволно или не. Јас сметам дека Спасовски со ова срамно покачување го понижува работникот во Полицијата.

Лидер:  Политичката партија Левица ќе ја оспори уредбата пред Уставниот суд. Велат уредбата е спротивна на амандманот V од Уставот, согласно кој службен јазик на целата територија е македонскиот јазик и неговото писмо. “Оваа Уредба е спротивна и на Законот за полиција согласно кој, полицијата ја врши унифицирано својата работа на целата територија на државата. Притоа, веќе постои Правилник со кој се уредуваат ознаките на униформата и согласно кој, истите се идентични на целата територија на државата и истите не може да се разликуваат во зависност од општините каде се извршува работата“. Дали СПМ ќе ја поддржи иницијативата на Левица?

 

-Нашата основна цел како Синдиката е борбата за подобрување на правата и условите на работниците во Полицијата. За тоа дали оваа Иницијатива за која политичката партија Левица веројатно ќе ја поднесе до Уставниот суд на Република Македонија, сметам дека ние како Синдикат не треба да навлегуваме дали е основана или не. За тоа постои институција во конкретниот случај тоа е Уставниот суд кој во наредниот период ќе донесе одлука дали истата е или не е во согласност со Устав и Закон.

Лидер: Што во моментов е суштинската потреба на полицијата?

-На оваа тема може многу да се зборува. Јас ќе бидам малку ироничен и ќе го цитирам Министерот Спасовски. РЕД, ПРАВДА И ДИСЦИПЛИНА. Тоа е она што е суштинска потреба во Полицијата. Да бидам конкретен, потребно е Спасовски како Министер, Директорот на БЈБ и неговите подредени раководители единствено да го почитуваат Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР, нормално и другите прописи. Ќе набројам неколку работи кои ги сметам за најпотребни: конечно сопирање на издавање на незаконски решенија по сите основи, да се престане со праксата за давање писмени наредби повеќе од 30 дена, да се престане со справување на професионалците и неистомислениците, стоп за мобингот, да се престане со монтирани дисциплински постапки…… Во ред е да се реновираат објекти, но сметам дека време е конечно да се види што останува во објектите после секое реновирање во поглед на канцелариски материјали, мебел, компјутери итн. Тука треба да се спомнат и набавки за средства за работа, набавка на панцири, плочи, шлемови кои не се заменети повеќе од 30 години. Суштинска потреба на Полицијата е и градење и развивање на меѓучовечките односи каде по мое сознание скоро нема организациска единица каде не се нарушени на одредено ниво. Тука морам да ги спомнам и обуките кои од година во година се помалку ги има. На крајот најбитно во моментот е Министерот и неговите раководители треба да работат на тргање на стравот кај вработените, појава која моментално е најчеста појава поради која истите работат под притисок. Доколку истиот го нема верувајте дека и самите работници ќе даваат подобри резултати. Дури тогаш можеме да кажеме дека Полицијата е задоволна а граѓаните безбедни, вели Орце Коцевски, претседател на СПМ за Лидер.