Мицкоски најави акција „Кочани 2030“: Во фокусот болница, училишта и патишта
Премиерот Христијан Мицкоски најави голема заедничка иницијатива на Владата и Европската комисија под името „Кочани 2030“, која ќе опфати реконструкција на болници, училишта, спортски сали, паркови и патна инфраструктура во Кочани. Проектот, како што најави премиерот, е веќе разговаран со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
- Разговаравме да имаме заедничка акција со претседателката на ЕК. Подготвуваме план којшто ќе го именуваме „Кочани 2030“ и со кој ќе вложиме огромна сума пари во реконструкција на јавни објекти. Ова ќе биде проект кој ќе го реализира Владата за граѓаните на Кочани – изјави Мицкоски.
Проектот доаѓа во чувствителен период за градот, по трагедијата во дискотеката Пулс, каде загинаа 62 млади луѓе. Од Владата велат дека вложувањето во здравствената и општата инфраструктура е дел од напорите за долгорочно надминување на последиците од трагедијата. Целта на владата предводена од Мицкоски е подобрување на животниот стандард во регионот.
Повредените од трагедијата приоритет за Владата
На новинарско прашање, Мицкоски потенцираше дека повредените од пожарот во „Пулс“ остануваат апсолутен приоритет и најави испраќање специјални медицински тимови во кочанската болница. Истовремено, изрази жалење за лошата состојба на болничките капацитети низ земјата.
- Не успеавме за 11 месеци да ги реновираме сите болници уништени со години. Но, покажавме дека овие луѓе се наш приоритет од првиот ден – рече премиерот.
Како пример за ангажманот, наведе и последната одлука на Владата – да го покрие трошокот за транспорт на повреден пациент од Грац, Австрија, со владин авион.
- Не сакам оваа човечка трагедија да ја користам за политички поени, затоа не зборуваме гласно за сѐ што правиме. Но, вистината е дека направивме сѐ што можевме за овие луѓе да бидат згрижени – додаде Мицкоски.
Во трагедијата животот го загубија 62 лица. Премиерот потсети дека животот го загубија двајца од над 200 повредени, но брзата реакција на институциите спречила уште поголема загуба.