Поддршката е во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ што се спроведува преку Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, а донацијата е во вредност од околу 1,8 милиони денари во нето износ.

– Возилото е од јапонскиот производител „Исузу“ и располага со кабина за пет лица, како и дополнителен простор со носивост од еден тон за сместување на неопходната опрема за интервенции. Се работи за најнов модел од типот Д-макс, со погон на сите четири тркала и со дизел мотор што ги задоволува Еуро 6 стандардите. Обврска на Локалната самоуправа е да ја обезбеди опремата и нејзиното вградување, со што ќе се постигне целосна функционалност на возилото, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Противпожарната единица веќе има слично возило во функција, а набавката на уште едно се оправдува со фактот што кочанските пожарникари покриваат терен на три општини, а често им помагаат и на колегите од соседните противпожарни единици.

Паралелно со опремувањето, неопходно ќе биде во наредниот период бројно да се зголеми кадровската екипираност. Во тие рамки, интензивни се подготовките и помошта што професионалните пожарникари ги обезбедуваат за волонтерите од Доброволното противпожарно друштво, од каде може да се преземе обучен кадар.