Македонија стана идеална почва за отворање и развој на бизниси. Но не на реалните бизнисмени, кои во оваа економско-енергетска криза мака мачат да ги одржат ликвидни своите бизни, да ги платат превисоките цени за производните материјали и енергенсите, особено електричната енергија, а со тоа и да го задржат своите вработени. Туку, Македонија има одлична бизнис клима за влегување во разно разни бизниси на луѓе блиски, дури и од најтесните семејства на носителите на највисоките државни функции.

Таков е и последниот пример со кој беше запознаена јавноста. Сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, Елена Ковачевска влегува во бизнисот со струја. Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со производство на електрична енергија преку компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, во која се јавува како една од петтемина сопственици. Компанијата планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1.8 мегавати, пренесува Курир.

Како што објавија веб медиумот А1он фирмата веќе договорила зделка за земјиште во Радовиш кое е пренаменето од земјоделско во градежно земјиште за изградба на фотоволтаици.

Заедно со Елена Ковачевска во фирмата се и синот на нивниот кум, Кирил Паунов, сопругата на директорот на Катастар, Светлана Тунџева и уште две лица.

Фирмата Сол 5 е отворена во октомври 2020-та, еден месец откако Ковачевски беше предложен за заменик министер за финансии, односно Димитар првин станал државен функционер па неговата сопруга отворила бизнис во енергетскиот сектор.

Премиерот Ковачевски вчера пред новинарите тврдеше дека во случајот нема судир на интереси, бидејќи секој имал право да инвестира во државава.

„Тоа е пријавено во сите надлежни институции и во Антикорупциската комисија со сите потребни податоци и детали и сите тие податоци се јавно достапни“, вели премиерот.

Но, ова не е единствениот бизнис на семејството на премиерот Ковачевски, посебно во енергетиката, каде цената на електричната енергија руши рекорди.

Димитар Ковачевски со својот кум Горанчо Паунов ја основа фирмата „Пиксел гроуп“ за производство на соларни панели, фирма која, според аферата „Броило“ која ја објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, била вмешана во бизнис од 26 милони евра, меѓу кои и од државни тендери. Премиерот кога стана државен функционер се откажа од уделот во Пиксел и за беспари му го предаде на кумот.

Пиксел груп – фирма основа од Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов, заедно со фирмата КМГ ЕОЛ Квазар, фирма само на кумот Паунов, се вмешани во бизниси во вредност од 26 милиони евра!

„Во Соларниот Картел, Ковачевски и неговиот кум Паунов, по основањето на Пиксел груп, во 2018 година градат фабрика за производство на фотоволтаични панели во Кочани. Фирмата станува централна во бизнисот, околу која се вртат 26 милиони евра. Аферата БРОИЛО е шема која покажува како преку Пиксел груп и фирмата КМГ ЕОЛ Квазар Соларниот Картел ги свртеле парите. Само од државни тендери во изминативе неколку години овие фирми инкасирале 1.8 милиони евра“, рече Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, објавувајќи ја аферата.

Сега пак, сопругата на премиерот и кумашинка Елена Ковачевска има фирма за производство на струја заедно со Паунов помладиот кој фамилијарно исто така е кум на Ковачевски.

Додека македонските граѓани кои во оваа екомска криза се на раб на егзистенција поради покачувањето на цените на сите производи и услуги, кои се предизвикани и поради зголемувањето на цените на енергенсите, посебно и на стујата, фирми основани од Димитар Ковачевски и негови семејни врски вртат милионски суми во енергетскиот бизнис.

Ова се само дел од бизнисите на семејството Ковачевски со кои јавноста е запознаена. Прашање е во колку други бизниси е вклучено семејството на премиерот по разно разни тесно фамилјарни-пријателски врски, за кои македонсјата јавност не знае?