Програмерите и натаму остануваат едни од најплатените во земјaва. Во август годинава, вработените во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, имале просечна нето плата од 92.464 денари, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), објави Фактор.

Во секторот информации и комуникации, просекот бил 69.695 денари. Во воздухопловен транспорт, просекот изнесувал 51.520 денари.

Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати е сектор каде просекот бил 57.954.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во август 2023 година, изнесувала 36.390 денари. Во однос на истиот месец лани има пораст на просечните плати.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Административни и помошни услужни дејности (21.6 отсто), Образование (17.5 отсто) и Градежништво (16.5 отсто).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (3.8 отсто), Административни и помошни услужни дејности (3.3 отсто) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (2.3 отсто).