Откако вчера ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги собраа потребните потписи во експресно брз период, комплетирана е бројката на претседателски кандидати. ВМРО-ДПМНЕ одново оди со истиот претседателски кандидат од 2019-та година односно професорката Гордана Силјановска Давкова, а од СДСМ повторно ќе атакува за претседателското столче Стево Пендаровски, односно ќе оди по уште еден мандат.

По вчерашниот ден Силјановска Давкова само до 14 часот веќе имаше 21 илјада потписи, а според некои медиуми таа имала повеќе и од 35 илјади потписи. Со ова, партијата демонстрираше моќ и покажа дека овој пат токму таа е главен фаворит за удобната фотелја на Вила Водно.

Освен овие двајца кандидати, потребниот број потписи го собраа Бујар Османи како кандидат на ДУИ, Арбен Таравари, коалиција Вреди, Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Изнанедувачки беше тоа што Димитриевски собра прв 10.000 потписи, а останатите кандидати од македонскиот политички блок многу побавно од очекуваното стигнаа до оваа бројка.

Според последниот пресек на Државната изборна комисија, до вчера во 20 часот, Мерсиха Смаиловиќ која е поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз, има 1.411 потписи, Вело Марковски како независен кандидат има 1.402 потписа, Господин Попоски од Вевчани обезбеди поддршка од 109 граѓани, независната кандидатка поддржана од ДЕСНА, Зорица Цветковска собра вкупно 195, независниот кандидат Ѓoрѓи Манасков ја доби поддршката од 414 граѓани. Томе Николоски останува со 0 потписи, а самиот објави дека се откажува од трката.

Собирањето потписи за кандидат завршува на Денот на жената – Осми март. Првиот круг на изборите ќе се одржи на 24 април, а вториот круг на 8 мај.