Лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја обвини актуелната власт дека ја води Македонија кон изолациј. Филипче рече дека власта има карактеристики на авторитарни режими, „слични со Венецуела и Иран“.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со прашање „на кого се обраќа Филипче“, оценувајќи дека опозицијата „не е присутна во реалноста“ и дека е „потоната во свој микро свет“. Во реакцијата ја отфрлија споредбата со Иран и Венецуела и прашаа: „Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран и Венецуела?“ и додадоа:
„И ако е Македонија како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години а во влада скоро 9 ( со се техничката), ова значи дека Заев е Ајатолахот а Филипче неговиот прв проповедник?“
Во истата реакција од ВМРО-ДПМНЕ наведоа дека Филипче „го кажал истото што го повторуваат како грамафонска плоча“, оценувајќи го настапот како „бесцелен, досаден и манипулативен“. Тие посочија и економски критики за периодот на СДСМ, тврдејќи дека во тој период „500 илјади луѓе живееја со само 150 денари на ден“, како и дека биле најавувани инвестиции „Фејсбук и Гугл“ кои „никогаш не дојдоа“. За темата човекови права, ВМРО-ДПМНЕ ја споменаа работата на СЈО и оценија дека преку него била водена „најбрутална политичка пресметка и политички прогон“, а подоцна тоа „прерасна во огромна кражба и рекет машинерија“, додавајќи дека „Филипче историски и политички треба да се срами“.
Да се потсетиме на владеењето на СДСМ. Волјата на мнозинството граѓани беше занемарена во најкрупните државни прашања како референдум за промена на името. Имаше и притворања и судења на неистомисленици со тешки квалификации.
Владееше клима на страв и политички прогон, се апсеше поради објави на социјални мрежи и се стругаа натписите бугарски фашистички окупатор“ на споменици. Се менуваше историјата на нацијата пред очите на граѓаните во процес во кои тие не беа вклучени.
Денес, Ајатолахот Филипче продолжува со истата политика како неговиот претходник, непочитување на волјата на мнозинството граѓани и барање на уставни измени.
