Бесни патници, хаос во авионскиот сообраќај, гужви и нервози. Вака накратко може да се опише вчерашниот хаос на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ утрово изјави дека за вчерашните работни проблеми е одговорен операторот на аеродромот Никола Тесла, француската компанија „Венчи“ (Винчи), поради што се откажани три лета и 17 доцнеа, изразувајќи очекување дека таа компанија им се извинила на патниците.
Како што објасни за Танјуг, она што се случило е што возачот на автобусот ги однел патниците кои долетале од Скопје на погрешен излез се измешале со патници кои веќе ја поминале контролата и требало да одат до авионот. Како што напоменува и тој, ова е целосно неприфатливо.
– Точно е дека се случуваат човечки грешки, дека тоа не се случува само на белградскиот аеродром, но факт е дека грешките им се случуваат многу често и дека ќе мора многу повеќе да работат на нивната организација бидејќи мора да ги почитуваат патниците на белградскиот аеродром како што тоа го прават и на аеродромите во Франција. Многупати сум разговарал за тоа со нив и очекував да научат од тоа и подобро да се организираат, рече министерот.
Весиќ вели дека очекува белградскиот аеродром да им се извини на патниците кои чекале и додава дека авиокомпаниите кои претрпеле штета и откажале или одложиле летови ќе имаат можност да си ја наплатат штетата од операторот.
Тој нагласи дека во тек е инспекцијата на Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија на аеродромот „Никола Тесла“ и оти јавноста ќе биде информирана за наодите од инспекцијата откако ќе заврши.
– Француската компанија досега има инвестирано над 280 милиони евра во самата аеродромска инфраструктура и ние сме им благодарни за тоа, но мора да направат многу во нивната организација за да не се случуваат вакви работи. Се сеќавате дека во текот на летото имаше многу проблеми со багажот и со заминувањето на патниците, тогаш заедно со нив реагиравме. Сигурен сум дека ова лето ќе имаме многу подобра ситуација – рече министерот.