Но, како и за многу други работи, преку дозирано информирање и извртување на фактите, институциите сакаат да прикажат нереална слика и опкружувањето да ни го направат розево, велат од Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард банка
Пред неколку месеци Уставниот суд донесе одлука со која се укина членот 163 став 3 од Законот за банки. Таквата одлука се донесе поради дискриминација на правните лица – фирми депоненти, на кои им се одземаат сите пари при стечај на банка, како што тоа се случи со Еуростандард банка, додека Фондот за осигурување на депозити се ставаше во прв ред за наплата од стечајната маса. Фондот ништо не ги обештетил, а тие, правните лица, се приморани целиот платен промет да го извршуваат исклучиво и само преку банките. Ова е единствен, уникатен пример за отворена, законска дискриминација која постои на Европскиот континент. И не само во Европската унија, туку и во сите земји околу нас, нашите соседи, правото за обештетување го имаат законски решено така што физичките и правни лица депоненти во банка се обештетуваат подеднакво при стечај на банка. Само во нашата земја постојат закони, како што е Законот за банки и Законот за Фонд за осигурување на депозити, во кои оваа дискриминација е јавна. И еве се укина дискриминаторската и неуставна законска одредба од Законот за банки, но Законот за Фонд за осигурување на депозити и понатаму јавно продолжува да ги дикриминира правните лица депоненти во банка. Обештетување и понатаму важи само и исклучиво за физичките лица депоненти во банка додека правните лица не се ни споменати во законот. Во стечајната постапка на Еуростандард банка има околу 2.000 правни лица на кои им се одземени сите пари. Пари од приватниот сектор, во најголем дел на мали и средни претпријатија, двигатели на економијата, целосно се пропаднати и завршени во некои туѓи џебови како резултат на организираниот криминал и корупција кои се случувале со години и за коишто до сега е многу пишувано. Но, ништо не е преземено овој масовен грабеж на депозити од лиценцирана и контролирана банка да се разреши и виновниците да ја добијат заслужената казна. И не само тоа. И понатаму јавно се фалат од Фондот за осигурување на депозити дека извршиле обештетување на повеќе од 99 отсто од штедачите во Еуростандард банка! Зошто се извртуваат фактите, зошто се крие вистината!?
Јавноста треба да ја знае вистината. Околу 57 отсто од вкупното побарување или речиси 60 милиони евра припаѓаат на 780 физички лица и 2.000 правни лица депоненти кои имале лични парични средства во ограбената Еуростандард банка. И наместо Министерството за финансии, Народната банка и Фондот за осигурување на депозити да работат на исправање на законите, нивно усогласување со Уставот и со директивите на Европската унија, за што се надлежни и одговорни, тие само ги користат средствата од народот за нивни плати и други додатоци и паралелно на тоа, замајување на јавноста преку искривување или прикривање на вистината. Нема никаква одговорност од јавните службеници што работат во овие институции. Тие не оштетија нас, а со своето неработење и лажирање на факти во јавноста, го оштетуваат и целокупниот народ во оваа држава.
Кога веќе немаме институции кои се борат со криминалот и корупцијата, па и покрај јавните тврдењата на гувернерката Бежоска дека сите банки се стабилни, а веднаш потоа се затвори банка, сето ова ќе изгледаше поинаку доколку законската регулатива во државава беше усогласена со регулативите на Европската унија во чие семејство сакаме да бидеме. Неусогласеноста на регулативата е толку голема да мораше Уставниот суд да укинува одредба од актуелниот Закон за банки, за да исправи нешто што е дискриминирачки и се разбира противуставно. Фирмите ќе продолжеа успешно да работат без загуби, а многу помалку од граѓаните ќе остане со многу помали главоболки и уништени животи. Но, за жал, тоа што го констатирал и укинал Уставниот суд, некој треба да го спроведе на дело, а тука повторно стапуваат на сцена институциите кои се највешти само во боењето на нашето сиво секојдневие во розева боја. И без никаква одговорност да исправат тоа што нечини таму каде што се надлежни, продолжуваат и понатаму да шират демагогии и да ја сквернават вистината, се разбира со наши пари.
Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард банка