YouTube пред медицинските веб-сајтови во AI одговорите

Анализа на најновите одговори од функцијата „AI Overviews“ на „Google“ откри дека „YouTube“ се користи почесто од било кој медицински веб-сајт кога се одговара на прашања за здравје.

Компанијата „Google“ соопшти дека одговорите на вештачката интелигенција, кои се појавуваат на врвот на резултатите од пребарувањето и користат генеративна AI за одговори на прашањата на корисниците, се „доверливи“ и цитираат угледни медицински извори, како што се американските Центри за превенција и контрола на болести (CDC) и клиниката Мејо, пренесува денес „The Guardian“.

Студијата анализирала одговори на повеќе од 50.000 здравствени прашања, добиени преку пребарувања на „Google“ од Берлин. И покрај тоа што компанијата тврди дека одговорите се базираат на кредибилни извори, најцитираниот извор сепак бил „YouTube“.

Истражувачите од „SE Ranking“, платформа за оптимизација на пребарувачи, утврдиле дека „YouTube“ е извор за 4,43 проценти од сите одговори што ги дава „AI Overviews“. Ниту една болничка мрежа, државен здравствен портал, медицинско здружение ниту академска институција не се приближиле до тој број.

„Ова е значајно затоа што ’YouTube‘ не е издавач на медицинска содржина“, посочуваат истражувачите, додавајќи дека станува збор за видео-платформа од општа намена.

Кредибилност и содржина на „YouTube“

Истражувачите истакнуваат дека секој може да објави содржина на „YouTube“ – од сертифицирани лекари до инфлуенсери и лица без никаква медицинска обука.

Компанијата „Google“ наведува дека „AI Overviews“ е дизајниран да прикажува висококвалитетна содржина од реномирани извори, без оглед на форматот, и дека различни кредибилни здравствени институции и лиценцирани медицински експерти креирале содржина на „YouTube“.

Како што се посочува, резултатите од студијата не можат целосно да се применат на други региони, бидејќи истражувањето е спроведено со користење прашања на германски јазик во Германија.