Нашите претходници не само што не помогнаа, туку мислам дека поголем дел од општините имаа и раскинати договори за набавка на струја, меѓу која и општина Велес. Јас кога дојдов мојата прва фактура за струја беше 6 милиони денари, втората беше 7 милиони, а третата во декември беше 8 милиони денари, или тоа значи дека 7 до 8 пати беа поголеми сметките за струја. Две фактури значеа 12 месеци плаќање на електрична енергија во претходните години. Откако сум на позиција градоначалник тоа е над 50 милиони денари разлика за струја која што ја имаме платено, или тоа се две нови градинки, две нови школи, десет булевари… Тоа е тоа што ни се случи нас, изјави градоначалникот на општина Велес, Марко Колев, во рамки на дебатата „Важно е да нема опструкции за работа на општините“ денес во Берово, дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, како одговор на прашањето каква состојба затекнавте во општините и со какви проблеми се соочивте во време на енергетската криза.

Тој посочи дека од државата биле побарани ноќните саати кои ги произведува, да бидат дадени на општините за ноќното осветлување, но и тоа намерно не било дозволено. Колев дополни дека освен оваа опструкција од централната власт, се соочил и со одземање на ингеренциите.

Како одминуваше времето, како стасуваа информациите од ревизорските извештаи, се поголем беше притисокот на централните институции. Првин од ДПИ, скоро секој ден имавме инспекции во сите училишта кои се под локална власт, и првото одземање на ингеренциите беше во средното стручно училиште Димитрија Чуповски, каде што ние имавме сериозни индиции, за проневера на сериозни финансиски средства за работи кои се платени, а не се извршени и се нотирани во ревизорскиот извештај. И тоа беше одземањето на ингеренциите за првото училиште. Во основните училишта не се одземаа ингеренции, туку на сила се поставуваа директори. Најново е случувањето во градинката, каде што не само мене, туку и на советот, ни ги земаат ингеренциите, а во градинката се случува еден леб да се купува за три пати поголема цена. Секаде каде што имаме сознанија за злоупотреба, секаде се праќаат инспекции и секаде се одземаат ингеренции, истакна Колев.

Исто така, Колев посочи за систематско уништување на културните обележја во Велес, како што се спомен костурницата и куќата на Кочо Рации и други 15 објекти од значење за културата. Министерството за култура две години нема дадено ниту една согласност за вработување, а по основ на пензија се отидени 6 лица кои работеле на оваа проблематика.