Веројатноста невакцинираните да починат од последиците на Ковид-19 е 32 пати поголема во споредба со луѓето кои се вакцинирани со две дози, покажаа резултатите од новата британска студија.
„Стапката на морталитет од Ковид е значително пониска меѓу вакцинираните со две дози во споредба со оние кои се вакцинирани само со една доза или воопшшто не се вакцинирани“, соопшти Бртанското национално биро за статистика.
Резултатите покажаа дека во период од 2 јануари до 21 септември оваа година смртноста меѓу невакцинираните изнесувала 849,7 на 100.000 жители, пренесоа англиските медиуми.
Меѓу оние кои се вакцинирани со две дози, стапката била само 26,2 на 100.000 луѓе, а за оние вакцинирани со една доза 105,3.
„Ова се далеку најдобри достапни податоци за ефикасноста на вакцината и превенција од најтежки облици на Ковид“, вели д-р Питер Инглиш, поранешен советник на националното тело за контрола на заразни болести.
Тој додава дека вакцините не се 100 отсто ефективни, па некои ќе се заразат или ќе умрат иако се вакцинирани.
„Но, важна порака на ова истражување е дека вакцината е многу ефикасна против смрт од Ковид-19, веројатноста дека ќе умрете од послдеиците на корона вирус е 32 пати помала ако сте вакцинирани, а и една доза ви дава одредено ниво на заштита, додуша не како две“, вели тој.