Лидерите на земјите од Групата 20 , кои денеска и утре во Рим првпат ќе се сретнат лично од почетокот на пандемијата, ќе разговараат за глобалното закрепнување, кое е попречено од низа пречки: енергетска криза што поттикнува повисоки цени на горивото и комуналните услуги, нови жаришта на Ковид-19 и пречките во синџирите на снабдување со стоки за потрошувачите.

Самитот ќе им овозможи на лидерите на 20 земји кои претставуваат 80 отсто од глобалната економија да разговараат – и да вршат притисок – за сите овие прашања. Аналитичарите прашуваат колкав напредок можат да направат за веднаш да го олеснат товарот на луѓето кои се соочуваат со зголемување на цените на сè, од храна и мебел до повисоки сметки за греење во зима.

На Самитот, ќе присуствува американскиот претседател Џо Бајден, додека неговите колеги од Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин учествуваат од далечина. На форумот лично ќе присуствуваат и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и индискиот премиер Нарендра Моди. Ова ќе биде последен состанок на Г-20 за канцеларката Ангела Меркел, придружувана од нејзиниот веројатен наследник, социјалдемократот Олаф Шолц, министер за финансии во досегашната влада на Германија.

Италијанскиот премиер Марио Драги претходно апелираше „Г20 да се посвети на потребата да се ограничи зголемувањето на температурите до 1,5 степени“, најамбициозната цел на Парискиот договор за климата. Но, земјите од Г-20, кои произведуваат 80 отсто од штетните емисии во светот, се многу различни во однос на нивниот социоекономски развој, комбинацијата на извори на енергија што ги користат и нивните климатски амбиции. Некои се стремат кон јаглеродна неутралност во 2050 година, други во 2060 година.

Според истражувач во институтот Чатам Хаус, Ентони Фрогат доколку Г-20 не се посвети на овие две точки (1,5 степен и јаглеродна неутралност до 2050 година), „нема надеж за постигнување на целите“ од Парискиот договор.

Што се однесува до вакцините, не се очекуваат шокантни изјави: На самитот во Рим во мај, меѓународната заедница вети дека ќе обезбеди неколку милијарди дози за најсиромашните земји оваа и следната година. Предизвикот сега е да се испорачаат вакцини и да се вакцинира населението во земјите чии здравствени структури често се слаби или непостоечки. Земјите од Г-20 го поддржаа споделувањето вакцини преку програмата КОВАКС при ООН, која не успеа да го ублажи големиот недостиг во сиромашните земји. Донираните дози претставуваат само мал дел од она што е потребно, а развиените земји веќе масовно аплицираат трета, засилувачка доза од вакцините против Ковид-19.

Иако Г-20 го ратификуваше договорот за глобална минимална даночна стапка од 15 проценти за мултинационалните компании, по договорот постигнат од 136 земји на ОЕЦД, сега останува најтешкиот дел, секоја земја мора да го вклучи овој глобален договор во сопственото законодавство.

Самитот на Г-20 често критикуван како затворен клуб на економски сили, од кој не произлегуваат конкретни одлуки.

Самитот на 20-те најразвиени земји се случува во пресрет на 26. Конференција на ОН за климатски промени ЦОП26, што почнува в недела во Глазгов.

Инаку, за денеска се утре се очекуваат повеќе најавени и ненајавени протести во Рим, но и во цела Италија. Италијанските медиуми информираат дека денеска ќе се одржат два огромни протести поврзани со Г-20, како и повеќе антиваксерски протести во цела земја.

Поради Самитот зголемени се безбедносните мерки, како и надзорот од земја и од небо. Зајакната е граничната контрола на сите гранични премини кон Апенинскиот Полуостров и тоа од копно, воздух и вода. Исто така воспоставена е зона за забрана на прелети, а до понеделник во 13 часот суспендиран е Шенген режимот.

Но, лидерите од Г-20 нема да се движат само на релација меѓу салата на Самитот и хотелот. По денешната дискусија на Самитот, предвидена е посета на Диоклецијановите бањи (терми) во срцето на Рим и Квиринал, палатата на претседателот на Републиката. Утре, по Самитот, е планирана посета на Фонтаната ди Треви, а вечерта ќе се одржи специјален настан за американскиот претседател Џо Бајден.

И сопругите на лидерите имаат своја програма. Џил Бајден, Брижит Макрон, Емина Ердоган, сопругата на британскиот премиер Борис Џонсон, на јужнокорејскиот лидер Мун Џе-ин, како и сите сопруги кои пристигнаа во Рим, но и сопрузите на жените-лидери (Урсула фон дер Лајен),  денеска ќе го посетата Колосеумот, потоа Вилата Памфили и Сикстинската капела. За утре е планирана посета на музеите на Кампидољо, со споменик на Маркус Аурелиус и Вила Боргезе. Претседателот на Републиката, Серџо Матарела, ги покани сите 35 делегации во Рим на вечера во Квиринал.