Увоз на работна сила од земјите од третиот свет е тешко изводливо, иако може да биде решение на кратки стази поради дефицитот на работници, вели Зоран Кочоски од „Коузон“, агенцијата за посредување на работа во странство, коментирајќи ги најавите на Владата со увоз на работници од странство да го пополни недостатокот кој се јавува на пазарот на трудот во Македонија, поради иселувањето на населението, објави Фокус.
-Носењето на работна сила од странство во старт чини 2.000 евра од работник, поради сместување, храна… Да донесете човек од Бангладеш со авионското карта, со сите дозволи, медицински прегледи, вас ќе ве чини над 1500 евра. Вие треба да му обезбедите сместување кое ќе му го плаќате на месечна основа, треба да му обезбедите превоз, треба да му обезбедите некаква интеграција во социјалниот и здравствениот систем во Македонија затоа што не секогаш тој ќе биде здрав, некогаш ќе биде и болен, вие ќе треба тоа да го платите. Тоа сега не е регулирано во оваа држава. И страв ми е да зборувам колку работи не се регулирани – рече Кочоски во Анализа на ТВ24.
Според него во Македонија има страшно многу голем увоз на работна сила и тоа не е никако регулирано. Само со туристичка виза, вели, се влезени 3.500 луѓе кои работат на црно.
-Тоа е очигледно. Тоа е увоз од далечните држави или од околните држави кои нелегално доаѓаат и работат во Македонија. Тие луѓе, ајде да речеме од Косово, кој во еден момент беа од 2.700 до 3.400 според некои анализи, кои доаѓаа на неделна основа поради подобрите плати, тие луѓе ќе ги нема откако Косово ќе ја добие визната либерализација. Ќе имаме уште една дупка која ќе нема како да ја пополниме – предупредува тој.
Увозот на работна сила предизвика голема дебата во стручната јавност. Според Кочоски и дел од упатените претставува опасност на увезените работници земјава да им биде отскочна даска за потоа да мигрираат кон земјите на Европска унија.
-Ова се случи со Албанија, увезоа луѓе од Египет, 80 отсто побегнаа во Европа поради што Албанија доби пенал од ЕУ – рече Кочоски.
Но, синдикалците и организациите за работнички права апелираат, наместо да се размислува за увоз на работна рака, треба да се зголемат платите во земјава и да се подобрат работничките услови за граѓаните да останат, наместо да се иселуваат.
Поранешната директорка на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, вели дека нема потреба од увоз, освен во делот на автопатите и нивната изградба.
-Во спротивно ќе немаме кој да вози по тие автопати ако продолжи иселувањето. По однос на преработувачката дејност, текстилната индустрија, може да се најдат работници ако се платат повеќе од минималната плата, ако се платат над просечната сигурно ќе се најдат – рече таа.