Електронско внесување податоци за патници без ЕУ пасош создаваат гужва
Колона од возила долга околу еден километар е формирана на граничниот премин Делчево – Станке Лисичково, поради новата постапка за електронско внесување податоци за патници кои не поседуваат пасоши од Европската Унија. Гужвата е забележана во текот на денот, кога дел од граѓаните го користат годишниот одмор за патување во соседството.
Патници кои чекаат на преминот за МИА посочуваат дека застојот е предизвикан од деталните проверки што ги спроведуваат бугарските гранични служби. Според нивните информации, секое возило се задржува значително подолго од вообичаеното.
„Секој патник што не е со европски пасош Бугарите го внесуваат во системот – се земаат слики и отпечатоци. Една кола ја задржуваат од 10 до 15 минути“, изјави за МИА граѓанин од Делчево кој годишниот одмор ќе го користи во соседството.
Од македонска страна, како што информираат надлежните, граничната контрола се одвива редовно и без застои. Според тие информации, метежот настанува исклучиво поради дополнителните процедури и проверки што се спроведуваат на бугарска страна, поврзани со новиот систем за евиденција на патници без ЕУ пасоши.
