Голем број граѓани од Албанија доаѓаат во Македонија за купување гориво и храна по пониски цени, што доведе до долги колони на граничниот премин „Ќафасан“, каде што за влез се чека повеќе од два часа, јави „Еуроњуз Албанија“.
Според медиумот, ваквата ситуација е резултат на растот на цените во регионот и глобално, поттикнат од војната во Иран, а објавени се и снимки од долги редици возила.
Слична состојба е забележана и на граничниот премин „Какавија“ кон Грција.
Во меѓувреме, за утре во Скопје е закажана вонредна владина седница, на која, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, ќе се разгледа намалување на акцизите за горивата со цел да се ублажи ценовниот притисок.
„Во моментот немаме никакви индиции дека од аспект на волумен би имало потреба од ограничување, за разлика што тоа го направија некои земји – членки на Европската Унија. И не само што тоа не го правиме, туку и голем дел од граѓаните од нашите соседи доаѓаат кај нас и ги полнат резервоарите на своите возила“, изјави Мицкоски.
На прашањето дали се размислува за мерки за штедење, како што препорачува ЕУ, тој одговори дека засега има доволно гориво и нема потреба од такви чекори.
