Весникот „Семана“ наведува дека Отониел, за да формира мрежа за илегална трговија, воспоставил врски во Панама, Мексико, Доминиканската Република и Белгија.
„Семана“, исто така, наведува дека досието до кое имала пристап, содржи извештај за преговори со емисари на мексиканските картели, калабриската и сицилијанската мафија во Италија и организации за трговија со дрога на Балканот.
Колумбиските вооружени сили го уапсија Отониел за време на операцијата „Озирис“ во рурална област во регионот Ураба. Тој е обвинет за испорака на десетици пратки кокаин во САД, како и за убиства на полицајци, сексуално злоставување деца и регрутирање малолетници.
Во акцијата за негово апсење учествуваа 500 војници, а беа користени и 22 хеликоптери. Според Би-Би-Си, Отониел користел мрежа од селски безбедни куќи. Постојано се селел од една во друга и така се криел од властите. Не користел мобилен телефон, туку комуницирал со курир. Полицијата претходно во скривалиштата наоѓала специјални ортопедски душеци наменети за Отонел. Се наведува дека овие специјални душеци ги користел поради болки во грбот, односно дискус хернија.