Медиумот А1он објави дека командирот кој бил на смена во „Идризово“ досега има веќе богато CV. Тие пренсуваат дека Срѓан Димитриевски е командирот кој бил на смена вчеравечер во „Идризово“, кога се случи бегството на затвореникот осуден за обид за убиство и дрога, а полицаец беше повреден, дознава „А1он“. Димитриевски е лице осудено за примање мито како полициски службеник од МВР. Од таму добил отказ, па стана командир во затворот. Тој беше дежурен командир и за време на новогодишната вечер, кога млад затвореник беше брутално претепан. Директорот за санкции, Марјан Спасовски во интервјуто за „А1он“ од пред два дена, кажа дека бил запознаен со сите овие факти, но не гледаше зошто би го тргнал од функцијата – командир. Тој додаде и дека контактира лично со командирот Димитриевски, но не сакаше да ги покаже пораките во неговиот телефон.
На прашање дали го познава командирот Димитриевски, директорот Спасовски кажа:
„Да, тој е командир во КПУ Идризово. Мислам дека има одлежано затворска казна. Дали затворска казна или притвор не знам меѓутоа мислам дека – да“.
На реакција како може лице кое имало судир со законот да биде командир, директорот Спасовски рече: „Зошто да го избркам, треба да направи некој посериозен дисциплински прекршок за да биде избркан. Зошто да го бркам?“.
Прашан дали командирот е негов послушник и извршител, директорот Спасовски кажа: „Апсолутно не, зошто…?“.
Кога млад затвореник од Ромска националност бил претепан на Нова година, во 2 часот наутро, на смена кај дежурен командир е Димитриевски.
„Утврдена е одговорност. За сите чинители ќе има санкции. Имало тепачка меѓу осудени лица, во тој момент доаѓаат дежурни командири, двајца, реагираат и доколку се утврди дека има пречекорување на овластувања, не само дисциплински туку и кривично ќе одговараат“, рече Спасовски.
Потоа, повторно беше прашан, каде се наоѓа дежурниот командир во време на тепачката, на што директорот Спасовски одговори: „На главната капија. А настанот се случува внатре….“
На укажувањето дека сам кажал дека командирот влегол внатре да ги разделува, директорот Спасовски негираше дека тоа го кажал и додаде: „Двајца затворски полицајци… Тој е одговорен на смена.. Ова лице (командирот) не ги разделува. Тоа го покажуваат камерите. И за него е утврдувањето на дисциплинската одговорност. Ако бил кај врата нема одговорност“.
Неодговорени останаа прашањата на „А1он“ зошто лице со висок безбедносен ризик, осуден на над 20 години казна бил спроведуван без полициска асистенција. Молк и на прашањето зошто не е постапено според протоколот на затворот, каде што, доколку нема домски доктор во затворот се повикува Брза помош, која потоа одлучува дали треба лицето да се носи на болничко лекување.
Управата за санкции и директорот на „Идризово“ Шпенд Тахири уште утрово беа прашани за потврда дали Димитриевски е командирот кој бил на смена и издавал наредби за спровод. Тие до моментот на објавување на оваа вест – не одговорија.
Инаку, командирот Димитриевски кој сега е суспендиран, добил условна казна. Бил првообвинет во судската постапка, каде се гонеле и други четири лица. Првично, се гонел дека заедно со групата од МВР барале 2.000 евра од лице за да не му пишат кривична пријава. Договорено било парите да се предадат на друго лице на бензиска пумпа. Договарањето било во канцеларија. Димитриевски добил условна казна, која станала правосилна.