-Пламените јазици беа толку големи, пожарот можеше да фати и друг објект. Тогаш штета би била уште поголема. Дадовме сè од себе, го дадовме максимумот само пламените јазици да не се прошират и да можеме да извадиме што повеќе луѓе, сведочеше Алити денеска пред изгорената модуларна болница во Тетово.
Тој рече дека многу граѓани кои се затекнале таму, но и здравствени работници им давале помош во извлекување на телата.
-Во тие моменти не видовме и не мислевме дали вадиме живи или мртви, колку што можевме извадивме, рече Алити.
Вели дека сите пожарникари излегле на терен, а само еден останал за да прима повици.
-Само еден пожарникар останал да прима повици, сите други излегле на лице место, стигнале многу бргу и почнале да интервенираат. Првата интервенција со две противпожарни возила, била од внатрешната страна на медицинскиот центар. После се видело дека треба да се интервенира и од другата страна, од страна на реката, со едно противпожарно возило и една екипа бидејќи тука требаше да се гаси пожарот, но истовремено и да се направи евакуација на луѓето или болните што лежеле тука, вели Алити.