Директорот на ЦЈЗ Скопје Бесим Зекири за Слободен печат вели дека вакциналниот пункт ќе работи од понеделник од 7 часот и 30 минути до 18 часот и 30 минути на принципот ,,прв дојден прв услужен”.
Лани интересот за вакцинација против сезонски грип беше огромен и за само неколку часови се потрошија сите дози што ЦЈЗ Скопје ги набави за комерцијална употреба. Годинава набавени се 4 илјади комерцијални вакцини против грип за Скопје и уште 7 илјади за другите центри за јавно здравје во внатрешноста. Комерцијалните вакцини штитат против четири видови инфлуенца и се наменети за категории граѓани кои не се ризични.
За ризичните групи Министерството за здравство обезбеди 40 илјади бесплатни вакцини против грип кои преку системот Мој Термин се аплицираат на граѓани кои веќе се пријавиле и изразиле интерес, а спаѓаат во повозрасни од 65 години, здравствени работници, деца од 6 месеци до 5 години, хронично болни и бремени жени. Вакцинацијата против грип за нив ќе се одвива во различни пунктови од оние каде се прима вакцина против ковид за да не се создава метеж.
Тие што прележале ковид неодамна мора да почекаат барем еден месец пред да се вакцинираат против грип и да бидат во општо добра здравствена состојба. Во исто време може да се примат и вакцина против грип и вакцина против ковид за сите здрави граѓани но раката во која се аплицираат двете дози мора да е различна.