Собраниската Комисија за изборите и именувањата утре ќе формира Комисија за селекција на кандидати за претседател на ДКСК

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утре ќе одржи седница. На неа се очекува да формира Комисија за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Според календарот на активности на веб-страницата на Собранието, седницата е закажана за 12 часот.

Собранието на 5 август распиша јавен оглас за нов претседател на Антикорупциска. Рокот за пријавување ќе трае 10 дена. Понатамошните фази од постапката ќе се спроведат според роковите и процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

На 1 август Собранието донесе Предлог одлука за објавување јавен оглас за избор на претседател на ДКСК. Ова следува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска. Која поднесе оставка по обвинувањата од Обвинителството за гонење организиран криминал за две кривични дела.

Според член 14 од Законот за спречување на корупцијата, при оставка на претседател или член на ДКСК, Собранието констатира престанок на функцијата. Во став 6 се наведува дека до изборот на нов претседател функцијата ја врши заменик-претседателот со сите овластувања.

Член 7 предвидува дека во рок од десет дена по престанокот на мандатот Собранието започнува постапка за избор на нов претседател или член на ДКСК.

Врз основа на член 12 став 2, во случај на престанок на функцијата пред истекот на мандатот, постапката започнува во рок од десет дена.

Постапката за избор на претседател и членови започнува со објавување на јавен оглас. Ја спроведува Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Огласот се објавува во „Службен весник“ и најмалку во три дневни весници. Рокот за пријавување е десет дена од објавувањето.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата во рок од десет дена од објавата формира Комисија за селекција на кандидати за претседател и членови на ДКСК. Таа проверува документи и селектира кандидати.

Во рок од пет дена по објавувањето на листата се организира интервју со кандидатите кои ги исполнуваат условите од член 11. Интервјуто се емитува на Собранискиот канал.

Во рок од три дена по интервјуто, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите и ја доставува на Комисијата за изборите и именувањата. Таа во рок од два дена предлага најдобро рангираните кандидати на Собранието, со образложение за секој.

За претседател на ДКСК може да биде именувано лице кое е

македонски државјанин со постојано живеалиште во земјава. Деловно способно и има високо образование. Со најмалку 300 ЕКТС или VII/1 степен од правните науки, или најмалку 240 кредити од политички, комуникациски или економски науки.

Кандидатот треба да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование. Од кои најмалку осум години во области на откривање или спречување корупција, владеење на правото или добро управување.

Дополнително, кандидатот не смее да има забрана за вршење професија. Ниту во последните десет години да бил пратеник, член на Владата. Донатор на политичка партија или да вршел функција во партиски органи.