Македонска делегација утре заминува во Софија за да ги заокружи преговорите со Бугарија околу обезбедувањето на потребните количини електрична енергија, а тимови од Србија денеска престојуваат во земјава и се прават последните договори за продлабочување на соработката, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши.
По средбата со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и претставниците на 10-те најголеми компании потрошувачи на енергија во земјата, Бектеши информира дека во Софија утре ќе се договараат техникалиите, но ќе стане збор и за цените.
Потребните количини струја не се проблем, напомена Бектеши, туку целта е тие да се обезбедат по што порационални цени.
Компаниите, пак, до вторник треба да ги формулираат барањата, но денеска конкретно посочиле дека сакаат да бидат директно вклучени во мерките што ги конципира Владата за 28 септември.
-Отворениот пазар за снабдување работи согласно принципите на берзата. На берза можете да влезете и сега и да ги гледате цените. Има одлука на Владата дека ниеден трговец кој е лиценциран, не може да има поголема маржа од 10 отсто од денешната референтна берзанска цена. Тоа е еден вид поддршка ако процентите на трговците биле поголеми. Сите напори што ги правиме се насочени кон тоа да има рационални цени кои же можат да ги сносат нашите компании кои се на слободен пазар. Не зборуваме само за обезбедување количини на електрична енергија зашто ги имаме тие количини од увоз и тоа не е проблем, проблем е делот со цената кој сакаме да го решиме билатерално со нашите соседи и тоа да биде за целата грејна сезона, нагласи министерот.
Тој повтори дека ЕСМ ќе ги покрива сите потреби на регулираниот пазар, за сите домаќинства, микро и мали компании кои се вкупно 72 000.
-Премиерот Ковачевски разговара со сите свои колеги од соседството. Очекуваме дека ќе имаме договор за да му се излезе во пресрет и на стопанството за обезбедување на потребните количини електрична енергија и природен гас. До крајот на оваа недела, заклучно со утре, најверојатно треба да завршат преговорите со другите соседи, но тоа ќе оставам наредната недела да го објави премиерот Ковачевски, рече Бектеши.
Според Азески, шест компании од десетте присутни на состанокот се на отворен пазар и можат слободно да набавуваат струја каде сакаат, но денеска изразиле желба да формулираат определени барања кои ќе бидат разгледани. Растот на цените, дополни Азески, е секаде од четири до шест пати.
-Сите овие компании изразија очекувања дека им е потребна дополнителна поддршка зашто конкурентно во регионот се во послаба состојба зашто таму имаат гарантирани цени, нагласи претседателот на Комората.
Азески на почетокот на прес-конференцијата соопшти дека на 28 септември ќе биде објавен нов пакет мерки за бизнисот. Мерките веќе се финализираат, а нивна цел е задржување на конкурентноста на фирмите и на работните места.