Државата ќе го исплати првиот дел од солидарниот данок во март 2026 година

Државата во текот на следниот месец ќе започне со исплата на првата рата од солидарниот данок што компаниите го уплатија во 2023 година, согласно Законот за данок на солидарност. Повратот следува по одлуката за негово поништување и утврдената динамика за враќање на средствата.

Донесен правилник за поднесување барања

Од Министерството за финансии информираат дека е донесен Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок, кој веќе е објавен во Службен весник. Компаниите имаат обврска да достават барање за поврат на средствата до Управа за јавни приходи.

Поврат во две рати по одлука на Уставниот суд

Со Законот за данок на солидарност беа опфатени компании кои во 2022 година оствариле вкупен приход над 615 милиони денари. Врз таа основа, во Буџетот во 2023 година беа уплатени околу 50 милиони евра од страна на 156 компании. По поништувањето на Законот од страна на Уставен суд, државата презеде обврска да ги врати средствата.

Согласно одлуката на Уставниот суд, Министерство за финансии доби задолжение од Владата, во координација со компаниите, да го утврди моделот за поврат. Притоа беше договорено средствата да се вратат во две рати – првата во март 2026 година, а втората во март 2027 година.