Невпишани површини и злоупотреби со вода предизвикаа милионски загуби

Град Скопје открива загуби во јавните претпријатија и нема да дозволи продолжување на минатите практики кои системски ги уништувале, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој откри дека во тек е акција за откривање на недоследности кај правни субјекти, вклучувајќи загуба од 1,5 милиони евра во Комунална хигиена поради невпишани површини за наплата на ѓубретарина, како и големи загуби во Водовод и Канализација поради, како што рече, сериозни злоупотреби со вода и водомери.

„Тоа претпоставувате од какви причини е направено. Нема да може така. Сега ќе има електронска база на точни податоци која ја вкрстуваме со Катастар. Секој обид да се направи таква работа во перспектива ќе биде строго санкциониран,“ изјави Ѓорѓиевски пред новинарите давајќи детали.

Проблемите во Комунална Хигиена

Зборувајќи за минатите состојби во Комунална Хигиена, градоначалникот посочи:

„Пример, сега над 130.000 квадратни метри се впишани површини, површини кои, за мене и колегите од непознати причини, во минатото не биле опфатени во пресметките за наплата на ѓубретарина. Тоа се над 1,5 милиони евра загубен приход месечно на претпријaтието.“

Тој додава дека станува збор за објекти од индустриска зона:

„И тоа како се спроведувало? Имало индустриска зона. Процена си направил некој во минатото дека на 5 објекти треба да им се пресмета целата површина за наплата, ама на некои требало помалку од што треба да им се пресмета.“

Злоупотреби со вода и наплата во Водовод и Канализација

Ѓорѓиевски се осврна и на проблемите во ЈП Водовод и канализација:

„Кога сме кај ЈП Водовод и канализација во тек е акција кај многу правни субјекти каде што има сериозна злоупотреба на вода, дупли водомери се поставувани во минатото, каде што не се регулирала состојбата како што треба и тоа се должи исто така на дел од генерираните загуби на претпријатието. Дел се должат на односите поврзани и со закоченоста на пречистителната станица каде што имаме сериозно придвижување напред, но и со на наплатата на сметки.“

Градоначалникот апелира дека Градот нема да дозволи состојба во која застаруваат долгови:

„Знаете и самите, тоа е состојба во која свесно го носите во колапс некое претпријатие или целиот град. Некој го дозволувал тоа во минатото.“