По повеќе од една деценија зборување во јавноста, комуналните полицијаци веројатно ќе станат реалност во Македонија.

Комуналните редари ќе станат обврска според новите измени на законот

Комуналните редари или полицајци, како што се предвидува со предложените измени на Законот за локална самоуправа, ќе станат облигаторна обврска за општините, без можност за избор дали општините сакаат да ги имаат нив. Ова го истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на консултативната средба со градоначалниците од Пелагонискиот Регион и граѓаните во Битола. Целта на ваквата мерка министерот смета дека е да се превенираат девијантни однесувања на мала група граѓани кои несоодветно го депонираат отпадот или ја злоупотребуваат урбаната опрема, за која општините трошат значителни средства. Така би се стигнало до поубаво место за живеење.

Тековни предизвици

Иако во општините веќе постојат одделенија со комунални инспектори, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, посочува проблеми со овластувањата и процесирањето на прекршоците:

Со нашето доаѓање пред три години, се обидовме да ангажираме луѓе од постоечкиот капацитет на локалната самоуправа, како и надворешни лица, добро обележани, за да воведат ред околу пазарите, уличната продажба на земјоделски производи, депонирањето отпад и друго. Но, тие немаа овластувања за ефикасно постапување, а граѓаните го знаеја тоа, што доведе до неуспех на акцијата. Се трудиме преку нашиот инспекторат, но се соочуваме со луѓе кои знаат дека нема да бидат казнети, а процесирањето преку правниот систем е бавно и тешко, истакна Коњановски.

План за иднината

Предложените измени имаат за цел да ги решат овие недостатоци, опремувајќи ги комуналните редари со јасни овластувања и обезбедување подобри механизми за спроведување на законот, со што ќе се подобри функционалноста на заедниците и квалитетот на животот.