Активни интервенции во Пелагонискиот регион

Јавните комунални претпријатија во Пелагонискиот регион и во останатите делови од земјата се на терен, справувајќи се со последиците од поплавите, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Како што стои во најновата информација, состојбата постепено се стабилизира.

Во Битола, во населбата Стрчин, ЈКП „Нискоградба“ работи со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја. Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира на коритото на Жабјанска река, а во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, со опаѓање на нивото на водата. Во Ресенско, општинските служби заедно со ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен вршат обиколки и санација на поплавените подрачја. Во Крушево, ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево и општинските служби зајакнуваат насипи и го следат водостојот на Црна Река. Во Демир Хисар локалниот пат кон село Мренога е затворен поради оштетен мост, додека во Долнени градежна механизација расчистува одводни канали во селата Лажани и Пешталево.

Интервенции во Југозападниот, Скопски и Полошки регион

Во Југозападниот регион, во Охрид, ТППЕ и комуналните служби испумпуваат вода од поплавените подруми. Општинските служби, Црвен крст, Итна помош и полицијата се ангажирани за згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.

Во Скопскиот регион, Општина Зелениково ја следи состојбата на реката Вардар и критичните точки. Во Полошкиот регион, во Тетово и Желино, СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче, додека во село Стримница е испратена механизација за интервенции по излевањето на Вардар.

Состојбата во Источниот, Југоисточниот и Североисточниот регион

Во Источниот регион, во Кочани, ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци. Во Кратово општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките без потреба од интервенции.

Во Југоисточниот регион, во Струмица, нема пријавено нарушувања, а состојбата е стабилна. Во Североисточниот регион, во Куманово и околните села Трново, Огут, Нерав и Калин Камен, ЈП „Комуналец“ интервенира со чистење на снег и посипување на патиштата. Во село Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.