Оркестарот на Филхармонија вечер ќе го изведе концертот „Манфред“ на кој како солистика ќе настапи јапонската виолинистка Сајака Шоџи, лауреатка на престижниот виолински натпревар „Паганини“. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во де-дур, оп. 77 од Јоханес Брамс и Шестата симфонија од Л.В.Бетовен.

Германскиот композитор и виртуоз на пијано Јоханес Брамс (1833 – 1897) e еден од најзначајните претставници на доцниот романтизам. Неговата музика често се изведува на светските концертни подиуми, а едно од најомилените дела и на публиката и на солистите е токму Концертот за виолина во Де-дур, кое го напишал во 1878 година.

Шестата симфонија на германскиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен која има програмски поднаслов „Пасторална“ се смета за едно од најзначајните остварувања во историјата на симфонизмот. Првпат била изведена во Виена во 1808 година. Композиторот бил инспириран од природата, како што сугерира и самиот наслов, иако за творечкиот опус на Бетовен тоа е вистински раритет, бидејќи неговите капитални дела изобилуваат со тешка, тегобна драматургија, во која се вткаени длабоки мисли и чувства за животот и неговата болка.

Подемот на Сајака Шоџи започнува во 1999 година, откако ја добива првата награда на еден од најважните виолински натпревари – „Паганини“ во Џенова, Италија. Веднаш потоа започнува нејзината плодна соработка со некои од водечките светски диригенти – Зубин Мехта, Лорин Мазел, Семјон Бичков, Јури Темирканов и многу други. Зубин Мехта е еден од најголемите поддржувачи на оваа јапонска виолинистка. Кога во 2000 година ја слушнал како свири на една аудиција, тој веднаш го променил својот распоред на концерти, со цел да ѝ овозможи на Шоџи да ја направи својата прва аудиоснимка со Израелскиот симфониски оркестар, а истовремено ја повикува и да настапи со Државниот оркестар на Баварија и Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, покана која Шоџи без размислување ја прифаќа. Нејзината уметничка уникатност и разновидниот обемен репертоар ја носи и пред други реномирани оркестри денес – Лондонскиот симфониски оркестар, Берлинската филхармонија, Њујоршката филхармонија, Оркестарот на Националната академија на Санта Чечилија, Чешката филхармонија…

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата музичка репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними це-де со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.