Воениот оркестар на Армијата вечерва ќе одржи едночасовен вечерен концерт во Домот на Армијата во Скопје. Концертот се организира во рамки на активностите со кои се одбележува 30-годишниот јубилеј на Армијата и во чест на Денот на народното востание – 11 Октомври.

– На концертот, во составот на армискиот воен оркестар ќе учествуваат и припадници од воениот оркестар на Армијата , солисти и уметници од реномираните национални музички институции, како и самостојни музички изведувачи, информираат од Министерството за одбрана.

Како што се наведува соопштението, репертоарот на концертот, што во рамки на јубилејната година се изведува под слоганот „Безбедност, стабилност, доверба”, содржи музички нумери од македонската евергрин сцена, војнички композиции, но и композиции на познати светски автори, како Лучијано Фелицијани, Ричард Штраус, Густав Холст.

На концертот покрај началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменикот на министерката за одбрана, Башким Хасани, военото раководство од Генералштабот и Министерството за одбрана и припадници од командите и единиците на Армијата, како гости се очекува да присуствуваат и претставници од Собранието и Владата на Република Македонија, претставници од амбасадите и воено-дипломатскиот кор и други, се вели во соопштението.

Од Министерството посочија дека вечерниот концерт е дел од планираните активности со кои годинава, Армијата одбележува 30 години од своето формирање, но и со кој се промовира соработката и заедништвото со сојузничките армии.

Концертот ќе може да се проследи преку директен пренос на третиот програмски сервис на МРТ со почеток во 20:00 часот, како и на Јутјуб каналот и Фејсбук-профилот на Армијата.