Убедлива победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – ВРЕДИ втора, СДСМ трета

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најуспешна на Локалните избори 2025, со освоени 54 градоначалнички места, меѓу кои и Град Скопје. Според податоците од двата изборни круга, оваа коалиција ќе раководи со најголем број општини во државата.

Резултати по коалиции

На второ место се најде коалицијата ВРЕДИ, која освои девет општини, а коалицијата на СДСМ доби осум градоначалнички места. Понатаму следат НАИ со пет, додека Движење ЗНАМ, Демократската партија на Турците и Унијата на Ромите освоија по една општина. Во уште две општини, граѓаните избраа независни кандидати.

Изборен процес и општини без гласање

Во вториот круг, што се одржа вчера, се гласаше во 32 општини и во Град Скопје, а на 19 октомври, во првиот круг, беа избрани 44 градоначалници.

Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласање не се спроведе, поради недоволен одѕив во првиот круг. Таму ќе се организира нова изборна постапка во рок од 60 дена по објавувањето на конечните резултати.

Ова се осми локални избори во државата, а четврти на кои граѓаните избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. На нив учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури.