Верижна реакција поради неконтролиран напон
Масивниот прекин на електричната енергија што ја погоди Шпанија на крајот од април годинава, бил предизвикан од пренапон во мрежата кој довел до верижна реакција, покажува извештајот на шпанската влада. Според објаснувањето на шпанската министерка за еколошка транзиција, Сара Агесен, системот на електрична енергија во тој момент немал доволен капацитет за контрола на напонот, пренесе француската агенција АФП.
– „Системот немаше соодветна можност да го стабилизира напонот, што резултираше со автоматско исклучување на делови од мрежата“, изјави Агесен.
Пренапонот – кога електричниот напон е повисок од нормалниот – доведува до преоптоварување на електричната опрема. Во такви случаи, безбедносните системи автоматски исклучуваат делови од мрежата, што може да предизвика пошироки прекини, како што се случи и во овој случај.
Несоодветни реакции и технички недостатоци
Министерката ги посочи и некои енергетски компании кои, според неа, затвориле свои постројки „несоодветно, со цел да ја заштитат својата опрема“, со што дополнително се зголемил притисокот на мрежата.
– „И покрај тоа што мрежата е дизајнирана да биде доволно робусна за вакви услови, комбинацијата од технички грешки, недостаток на контрола и човечки фактори доведе до масовен прекин“, нагласи Агесен.
Како дополнителен проблем беше идентификувана и грешка во софтверот за контрола на напонот, што придонело за неможноста мрежата да се стабилизира навреме.
Три земји без струја, шпекулации во јавноста
Прекинот на струјата не го погоди само Пиринејскиот Полуостров – без електрична енергија останаа делови од Шпанија, Португалија и мал дел од Франција. По настанот, низ јавноста почнаа да се шират разни теории за причината, вклучително и дека се работи за сајбер напад или преголема зависност од обновливи извори на енергија, јавува Сеебиз.
Сепак, извештајот на шпанската влада ги негира овие тврдења и ја потврдува техничката природа на проблемот.