Очај маскиран во политика, вели министерот
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски од ВМРО-ДПМНЕ, остро реагираше на последните напади од СДСМ, изразувајќи незадоволство од нивното постојано барање за оставка.
„Во последните денови сме сведоци на уште еден бран од очајни, неосновани и политички мотивирани напади од СДСМ кон мене. Искрено, разбирам дека очајот е огромен кога секоја нова анкета им ја топи поддршката побрзо отколку што тие успеваат да измислат нова лага, но оваа хистерија што ја гледаме не е политичка дебата, туку очај маскиран во соопштение“, истакна Тошковски.
Тој посочи дека постојаното повторување на барањето за оставка ја покажува „немоќта на СДСМ да понудат аргументи“.
„Помина повеќе од една година во која секојдневно активност на прес-центарот на СДСМ не е ништо друго освен папагалско повторување на зборовите: ‘Оставка за Тошковски!’… Кај нив, секоја тема е добра, само ако може да се спакува во зборот ‘оставка’. Таквите небулози само покажуваат колку е изгубена партијата што нема аргументи“, рече министерот.
Резултатите на МВР го креваат стравот кај поранешната власт
Тошковски нагласи дека вистинската причина за нападите не е неговиот начин на работа, туку мерливите резултати на МВР:
„Очигледно е дека не ви пречи начинот на кој работам, туку резултатите од таа работа, бидејќи конечно после вас, МВР не е алатка за остварување на теснопартиски и бизнис интереси, туку инструмент за спроведување на законот“, потенцираше министерот.
Тој потсети на акциите на МВР под негово водство:
„Толку ли многу ви смета што покренавме кривични постапки против корумпирани судии и обвинители? Толку ли многу ви смета што расчистивме 14 криминални банди кои се занимаваа со дрога, трговија со луѓе и тешки убиства? Толку ли многу ви смета што уапсивме членови на терористички ќелии?“
Тошковски истакна дека нема намера да поднесе оставка и додаде:
„Јас нема да си поднесам оставка, напротив додека вие се занимавате со спинови и конструкции, ќе продолжам со решавање на проблеми и расчистување со нередот кој го оставивте. За вас политиката е шоу, за нас е одговорност. Тоа е разликата помеѓу власт што руши и генерација што гради.“