Ќе почне ли конечно да се гради деценискиот проект за хидроелектраната Чебрен за кој досега пропаднаа 13 тендери? Од Влада информираа дека донеле одлука- грчката фирма „Паблик Пауер Корпорејшн“ ја добива концесијата за производство на струја, како најповолен понудувач. Оттаму велат дека по повеќе од три децении, по завршување на проектирањето и документацијата, ќе стартува реализација на идејата која датира од 60тите години. Чебрен се смета за најважниот енергетски проект во земјава, градба лоцирана на реката Црна, која е предвидено да заврши за седум години..

Понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда. Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од 3 месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33% од акционерскиот капитал. – стои во соопштението од Владата.

Проценетата вредност на оваа инвестиција е околу една милијарда евра, со капацитет од најмалку 333 мегавати. Според предвиденото Чебрен ќе произведува електрична енергија, ќе има режим на пумпање и враќање на водата назад што значи дека на Црна Река ќе се создаде ново, но и најголемо вештачко езеро. Браната ќе биде висока 192 метри, а целокупниот проект од Владата велат дека ќе биде од помош и за наводнување на земјоделски површини и ќе штити од поплави.. Инаку, во изминатите години ХЕЦ Чебрен се нудеше заедно со ХЕЦ Галиште, но тендерите постојано завршуваа безуспешно.