Почеток на железничкиот систем во јавниот превоз

Воведувањето на железницата како дел од јавниот превоз и отпочнувањето на БРТ системот претставуваат клучен чекор кон модерно и еколошко Скопје, изјави премиерот Христијан Мицкоски при денешниот увид на ремонтот на првата линија на градскиот воз од Зелениково до Железничката станица во Скопје.

Силен еколошки ефект врз градот

„Овој систем ќе ја растовари гужвата, но уште поважно, ќе ја намали емисијата на штетни честички во воздухот. Ова е проект со силни еколошки ефекти“, нагласи Мицкоски, посочувајќи дека со тоа Скопје ќе стане побезбедно и поквалитетно место за живеење.

БРТ систем и нов мост преку Вардар

Премиерот додаде дека Владата сериозно ја сфаќа борбата против загадувањето и дека транспортните решенија што се реализираат ќе имаат траен ефект врз животната средина. „Посебно сум среќен што конечно го отпочнуваме и БРТ системот, кој ќе биде комплетиран со нов мост преку реката Вардар. Сигурен сум дека со заокружување на овие проекти ќе видиме значително подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на сообраќајниот хаос во Скопје“, изјави тој.