Конференцијата ќе ја отвори народниот правобранител, Насер Зибери, кој воедно и ќе го презентира неодамна изготвениот „Извештај од спроведената анализа за постапувањето на органите по барањата и другите интервенции на Народниот правобранител“.
Обраќање на тема „Човековите права како столб на демократијата“ ќе има Ерик Мејер, вршител на должност амбасадор на САД во Република Македонија, а професорот Светомир Шкариќ ќе зборува на тема „Уставот и Народниот правобранител“.
На тема „Европскиот суд за човекови права како значајна алка во заштитата на правата на граѓаните. Колку и како помогаат постапките/предметите на Народниот правобранител во донесувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права?“ ќе зборува Мирјана Лазарова Трајковска, судија на Врховниот суд, а за „Соработката со Народниот правобранител главна алка за почитување на човековите слободи и права“ ќе зборува проф. д-р Ана Павловска Данев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ УКИМ. Проф. д-р Беса Арифи од Универзитет на Југо-Источна Европа (УЈИЕ) ќе се обрати на тема „Зошто е важно да се почитуваат препораките, мислењата иницијативите, укажувањата на Народниот правобранител?“, додека обраќање на тема „Што да се направи за подобрување на соработката на релација Народен правобранител-институции“, ќе има проф. д-р Јасмина Димитриева од Државниот Универзитет „Гоце Делчев“ Штип (УГД). Проф. д-р Јусуф Зејнели од Државниот Универзитет во Тетово (ДУТ) ќе зборува за улогата на администрација во процесот на заштита и спроведување на човековите права.
Во рамки на конференцијата планирана е и дебата во која ќе се вклучат главниот и одговорен уредник на „Фокус“, Гордана Дувњак и новинарот од МИА, Омер Џафери, како и студенти од УКИМ, УЈИЕ, УДГ, ДУТ.