Заменик-министерката за европски прашања, проф. д-р Викторија Трајков, учествуваше на втората Конференција посветена на женското лидерство, организирана од Владата на Република Србија во Белград. На настанот, каде што свое обраќање имаше и поранешната прва дама на Србија, Тамара Вучиќ, беа отворени клучни прашања за унапредување на улогата на жените во политиката, економијата и општеството.

Во своето обраќање, Трајков се осврна на потребата од создавање нова генерација жени лидери и посилно регионално поврзување, истакнувајќи дека иднината на Западен Балкан зависи од квалитетот на соработката меѓу жените во регионот.

„Жените не треба да бидат само корисници на политиките, туку и креатори на политиките“, порача проф. д-р Трајков, нагласувајќи дека политичкото учество на жените не е само прашање на еднаквост, туку и прашање на квалитетот на демократијата.

Според неа, иако земјите од регионот се соочуваат со слични предизвици, заедничките искуства нудат можност за градење регионални решенија. Како приоритетни области за соработка таа ги издвои образованието, економското зајакнување и претприемништвото, политичкото учество, дигиталната трансформација и борбата против насилството врз жените и девојчињата.

Заменик-министерката посебно ја нагласи важноста на менторството и пренесувањето на искуствата на помладите генерации.

„Кога една жена ќе успее, таа треба да ја отвори вратата за друга“, истакна Трајков, апелирајќи за создавање систем во кој младите жени ќе имаат пристап до образование, менторство, професионални мрежи и процеси на донесување одлуки.

Во однос на технолошкиот развој, таа ги акцентираше можностите и ризиците од вештачката интелигенција и дигитализацијата, подвлекувајќи дека жените мора да бидат иноватори, истражувачи и носители на одлуки во новите технологии.

На конференцијата беше потврдено и значењето на партнерствата меѓу институциите, бизнис-секторот, академската заедница и граѓанското општество за создавање поинклузивна иднина.

„Нашата иднина не е однапред напишана. Ние ја испишуваме. И ако ја испишуваме заедно, таа ќе биде посилна, поправедна и поуспешна“, заклучи проф. д-р Трајков, повикувајќи на создавање силна регионална мрежа на жени кои заеднички ќе придонесуваат за развојот на општествата.

Учеството на заемник-министерката на настанот во Белград претставува чекор напред кон зајакнување на регионалниот дијалог и размената на искуства со фокус на младите жени и нивната улога во регионот.