Конгресот како место за отчет

Потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски, истакна дека 31. Конгрес на партијата е момент за анализа на досегашното работење и донесување заклучоци за довербата во органите на СДСМ.

– „Имаме Конгрес, од кој еден дел би требало да биде отчетен Конгрес, а тоа значи дека ова раководство треба да даде отчет за тоа што е сработено, и какви се изборните резултати, имало грешки, немало грешки, воделе добри политики, воделе лоши политики, и врз основа на тоа Конгресот да донесе заклучок за тоа дали органите на партијата можат да имаат или не треба да имаат доверба“, рече Спасовски за ТВ Алсат.

Тој додаде дека Конгресот треба да овозможи разговор меѓу делегатите за сите аспекти во партијата, со цел идентификација на грешките и предлагање нови решенија, како кадровски, така и програмски.

– „Мојот став е дека Конгресот утре е место каде не само јас, туку што повеќе делегати, да разговараме за сите аспекти внатре во партијата за да може да дојдеме во позиција да може да кажеме, да, ова се грешките, тие се согледани, за тоа ќе понудиме нови решенија, не само кадровски, туку и програмски“, додаде тој.

Подготовката за Конгресот

Спасовски изрази изненадување што Централниот одбор не се одржал како што беше најавено, а требало да се разгледа извештајот за работа и да се утврди дневниот ред за Конгресот.

– „Малку сум изненаден што немавме Централен одбор на партијата, на кој требаше да се разгледа извештајот за работа на Конгресот, на него не се утврди предлог дневен ред на Конгресот, очекував тоа да се случи иако беше најавен ЦО за на 16 јануари, но тоа не се одржа, така да, ќе видиме кои ќе бидат предлозите во дневниот ред, доставен со материјалите, покрај овие точки за гласање доверба, отчет, извештај, гледам дека има и статутарни измени, за кои искрено не знам какви се тие статутарни измени, не сум ги видел“, рече Спасовски.

Пратеничката група како дел од партијата

Спасовски истакна дека пратеничката група на СДСМ останува компактна и посветена на интересите на партијата, која ја граделе три децении.

– „На било кој пратеник од пратеничката група на СДСМ не му е сеедно каде ќе се движи СДСМ. Ние 30 години ја градевме партијата и таа е дел од нас. Пратеничката група на СДСМ е многу повеќе СДСМ и многу повеќе ја боли за СДСМ, можеби и од некои членови од раководството“, истакна Спасовски.

Како што е најавено, Конгресот започнува денеска во 11:00 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Настанот ќе има отворен дел за јавноста, по што следува работен, затворен дел со дискусии и обраќање на претседателот Венко Филипче.