На примопредавање на градоначалничката функција, Петровска на новиот градоначалник Тони Коњановски, му подари пенкало за да потпишува значајни договори за Битола, клучевите од кабинетот и општински информатор за реализираните проекти во периодот од 2017-2021 година, додека Коњановски ѝ подари букет рози.
Коњановски посочи дека ќе работи со сите искусни и професионални лица во општината. Очекува од вработените поддршка и многу работа.
-Тука сме да направиме многу за граѓаните, има што да се сработи, да се продолжат проектите што се започнати. Ќе ја видиме финансиската состојба и со заеднички сили, со тимот кој ќе ми помага и со вработените, да направиме градот да ни биде подобар. Јас сум се стремел секој да остави камен плус во мозаикот. Она што е направено да се испочитува, меѓутоа со мотив да се надогради и да се направи чекор напред. Тоа граѓаните го очекуваат од нас, тоа го барат и го бараа во предизборниот период, а јас им благодарам за искажаната доверба. Им посакувам на сите добро здравје во оваа ковид криза која повторно нè зафаќа во градот. Да се надеваме дека Битола, што е моја желба и на сите кои што се околу мене, ќе ја направиме подобро и посреќно место за живеење, да ја вратиме довербата во човекот, да ја вратиме насмевката на граѓаните колку што можеме, да ги направиме посреќни, тоа им го должиме и нив и на нашите деца, на сите кои ни го дале гласот и довербата. Активностите почнуваат веќе од денес, а за сè граѓаните ќе бидат благовремено информирани. Тргнуваме во нови победи, но нови успеси, заедно со Вас, посочи градоначалникот Коњановски.