Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески најави формирање работно тело и смета дека советот ќе биде симбиоза на стопанството, локалната власт, на секторите и граѓанските здруженија за да се решаваат проблемите и да се обезбеди економски развој.

-Ќе се формира работно тело на советот во кој ќе има постојани и непостојани членови, дел од бизнис секторот на Прилеп, од Стопанската и Занаетчиската комора, од јавните претпријатија, локалната самоуправа, јавниот сектор, од невладините и здруженијата на граѓани како и професионалци од областа на културата, образованието, здравството. Економскиот совет со сигурност ќе претставува еден вид на симбиоза на нашето стопанство, со општината, јавниот сектор, чаршијата и здруженијата на граѓани. Целта е да се решаваат проблемите и да се разменуваат идеи за побрз економски развој на општината, изјави Јовчески.