Освен верификација на мандатите на членовите на Советот на дневен ред на денешната седница беше и изборот на Комисија за мандатни прашања, избор и именувања.
Градоначалникот Александар Стојкоски им честиташе на новоизбраните советници и им посака успешна работа. Стојкоски истакна дека заедно се исправаат пред огромен предизвик – Ѓорче Петров да биде убаво место за живеење, зелено, урбано и чисто.
-Чест ми е што заедно со вас ќе имам можност да впишам историја во револуционерните позитивни урбанистички чекори кои ќе ги забележи оваа општина. Приоритет ќе биде заедно да делуваме во насока на чисто Ѓорче, улиците со кал конечно да заминат во историјата, парковите да го надвладеат бетонот, децата да добијат образование по сите стандарди, а најмалите повеќе место за рекреација. Наш императив мора да бидат граѓаните, рече Стојкоски.
По формалниот дел и завршување на седницата, 23-цата советници заедно со Стојкоски на симболичен начин, со засадување дрвца, го означија старот на мандатот.
Локацијата каде се садеше е бул.„Македонска војска“ каде во моментов дополнително се зазеленува нова површината и се гради нова урбана зона. Со тоа, овој комплекс ќе добие целосно нов модерен изглед.