Покрај најавените контроли на работата на дистрибутивните центри кои вршат снабдување со прехранбени продукти, со инспекциските надзори ќе бидат опфатени и правните субјекти кои вршат дејност „Трговија на мало и големо со нафтени деривати“, соопшти Управата за финансиска полиција.
Оттаму информираат дека екипи на Управата за финансиска полиција заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи во наредниот период ќе спроведат сеопфатни контроли на територија на цела држава.
Засилените инспекциски надзори беа најавени за да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето.
Надлежните во повеќе наврати соопштија дека храна, гориво и енергенси има доволно и апелираа граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да не се крева непотребна паника. Уверуваат дека државата е подготвена да одговори на сите предизвици поврзани со кризата.