Иран и Оман направија чекор кон ново уредување на пловидбата низ Ормускиот теснец, што би можело да му даде на Техеран поголема контрола врз бродскиот сообраќај. Двете страни ги усогласиле географските параметри на рутата, но сè уште не се договорени сите детали.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека заедничката изјава на Иран и Оман е во завршна фаза, доколку процесот не биде попречен од трети страни. Тој разговорите со Мускат ги оцени како „професионални“ и рече дека „напредуваат“.
Багаи додаде дека двете страни постигнале „меѓусебно разбирање за географските параметри на рутата за којашто се дискутира“. Сепак, тој предупреди дека договорот меѓу двете земји сам по себе нема да гарантира безбедност во стратешкиот воден пат.
Според висок ирански извор и двајца регионални функционери за „Ројтерс“, предложениот договор би му овозможил на Иран да контролира кои бродови влегуваат во Персискиот Залив преку Ормускиот теснец. Изворите го опишале тоа како една од најголемите отстапки за Техеран досега, но ги негирале тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека договорот за повторно отворање на теснецот е близу.
Како би се одвивала пловидбата
Спорот околу правото на минување низ Ормускиот теснец, кој е клучен за транспортот на нафта, гас и ѓубрива, е една од главните пречки за завршување на војната што САД и Израел ја започнаа против Иран на крајот на февруари.
Според моделот за кој известуваа иранските медиуми, танкерите и товарните бродови би влегувале преку северна рута низ иранските територијални води. По пристигнувањето во пристаништата во Иран или во арапските држави од Персискиот Залив, при враќањето би ја користеле јужната рута низ територијалните води на Оман.
На најтесната точка теснецот е широк околу 39 километри. Иран и Оман имаат територијални води од 12 наутички милји, односно околу 22,2 километри, поради што нивните води се преклопуваат и во тој дел нема меѓународни води.
Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето (UNCLOS) го гарантира правото на транзитен премин и забранува блокада на трговски бродови. Иран не ја прифаќа оваа правна позиција и бара правила слични на оние што важат за некои други поморски патишта.
Иран би можел да одредува кои бродови ќе минуваат
Новиот аранжман би значел поголеми ограничувања за слободниот премин отколку пред почетокот на американско-израелската војна против Иран. Техеран би можел да контролира кои бродови влегуваат во теснецот и од кои земји се.
Меѓу другото, на воените бродови би можело да им биде одбиен премин, како што Турција според прописите може да го прави при преминувањето низ Босфор.
САД и Иран кон средината на јуни постигнаа рамковен договор според кој Техеран, во координација со крајбрежните држави, треба да постигне договор со Оман за идното управување со Ормускиот теснец.
