Синдикатот се буни против огласите со кои се бараат деловни асистенти и советник за човечки ресурси. М-НАВ е топ дестинација за партиски кадри, ама синдикалците тоа веќе не сакаат да го трпат, објавува ПлусИнфо.

Синдикатот на контролорите на летање сè уште не ја повлекува одлуката за штрајк на 25 декември и Нова година, кога нема да има полетувања и слетувања од скопскиот и од охридскиот аеродром, иако Министерството за транспорт и врски побара во интерес на граѓаните да се повлече таа одлука.

Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на М-НАВ, вели:

– Засега нема никакви промени во однос на одлуката за штрајк. Се останува според најавеното.

Време за договор и за повлекување на одлуката има до 25 декември, за кога е најавен предупредувачкиот штрајк. Треба само да се исполнат барањата, велат од синдикатот кој го активира штрајкот по објавувањето на два огласа од страна на раководството на М-НАВ.

Синдикатот на контролрите на летање смета дека во овие огласи не се почитувани роковите, а кадарот кој треба да се вработи „не е од суштинските дејности и не е потребен“. Синдикатот тврди дека првиот оглас бил со траење од 10 денови наместо од 10 работни денови, додека вториот за период од 3 дена од кои 2 се сабота и недела.

Огласите се за деловни асистенти и за советник за човечки ресурси, место кое според синдикатот е наменето за поранешен директор во М-НАВ. Подоцна раководството демантираше дека за такво место има оглас.

Доколку не бидат повлечени двата спорни огласи, синдикатот најави дека на 25 декември ќе нема полетувања и слетувања на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а во тек на штрајкот за Нова година покрај блокада на авиосообраќајот на двата аеродрома нема да се опслужуваат ниту прелетите.

Од Министерството за транспорт, пак, очекуваат да не се одржи штрајкот, како што побара на последната средба министерот Благој Бочварски од синдикалците на М-НАВ.

– Очекуваме синдикатот да го откаже штрајкот во интерес на граѓаните. Се работи на сите прашања кои се договорени во октомври. Најважно е да се почитува договореното дека синдикатите треба да бидат консултирани при распишување огласи во М-НАВ за вработување на технички кадар и тоа ќе се почитува – велат ресорот.

На вчерашната средба министерот за транспорт побарал Синдикатот да не ја спроведува одлуката за штрајк, бидејќи смета дека административните постапки во М-НАВ не треба да влијаат на нормалното одвивање на авиосообраќајот во земјава.

И од вториот од трите синдикати во М-НАВ велат дека состојбата многу тешко може да се подобри, бидејќи нема подготвеност од раководството да се решат некои проблеми поврзани со партиските вработувања и вработувањето на несоодветен кадар на технички работни места.

Во октомври, кога беше одложен штрајкот на контролорите на летање, синдикатот и раководството се договорија огласите за вработување да не траат само 3 дена, туку минимум 10 дена, за да може да ги видат сите и да се пријават непартиски кандидати со соодветно образование. Вработувања во помошните служби во М-НАВ да нема без знаење и надзор од контролорите на летање, односно од нивниот Синдикат. Беше договорено и да се распише тендер за независна експертска куќа која ќе направи анализа во М-НАВ колку вработувања ѝ се потребни и со какво образование. Прераспоредувањето на новопримените во иднина да биде со знаење на контролорите на летање, за да се престане со вработување на чувари и со по еден ден работен стаж, да се префрлаат во контрола на летање со плус 500 евра плата. Исто така. беше договорено да се обезбедат нормални услови за работа на контролорите.