Швајцарскиот претседател Гај Пармелин изјави дека разбира зошто одлуката на судот да го ослободи од притвор ко-сопственикот на барот во Кран-Монтана, каде во пожар за време на новогодишната ноќ загинаа 40 лица, предизвикала бурни реакции, но нагласи дека политиката не смее да се меша во судските постапки.
Во видео објавено на веб-страницата на весникот „Блик“, Пармелин истакна дека Швајцарија има различни правни процедури од Италија и дека мора да се почитува поделбата на власта.
– Мораме да ја почитуваме поделбата на властите. Политиката не смее да се меша, а судскиот систем мора транспарентно да ги спроведува истрагите и да одговара за евентуални грешки. Истото важи и за политичкото ниво – изјави Пармелин, пренесе АНСА.
Швајцарскиот претседател вчера во Кран-Монтана се сретна со семејствата на италијанските жртви од пожарот во барот „Констелејшн“. Според досегашните наоди од истрагата, пожарот бил предизвикан од прскалки во шишиња шампањ, кои келнерите ги држеле високо над главите за време на прославата на 1 јануари, при што огнот ја зафатил звучната изолација на таванот.
Судот во кантонот Вале вчера го ослободи од притвор ко-сопственикот на барот, Жак Морети, откако тој плати кауција од 200.000 швајцарски франци. На Морети му е забрането да ја напушти Швајцарија, наложено му е да ги предаде сите лични документи и секојдневно да се јавува во полициска станица.
По судската одлука, Италија го повика својот амбасадор во Швајцарија на консултации. Италијанската премиерка Џорџа Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани му наредија на амбасадорот Џан Лоренцо Корнадо да се врати во Рим и официјално да протестира против одлуката на швајцарскиот суд, наведувајќи ја сериозноста на обвиненијата, ризикот од бегство и можноста за фалсификување докази, објави бриселскиот портал „Политико“.
Италијанските власти соопштија дека бараат „вистина и правда“ за жртвите од трагедијата, меѓу кои имало и италијански државјани.
Швајцарското обвинителство води истрага против сопственикот на барот под сомнение за убиство од небрежност, нанесување тешки телесни повреди и подметнување пожар. Во трагедијата, покрај загинатите, биле повредени уште 116 лица, најголем дел млади луѓе и тинејџери.
