Анкетата на YouGov за весникот „Тајмс“ покажа дека конзервативците го загубија водството, губејќи три процентни поени од 2 декември и сега имаат 33 отсто доверба кај гласачите, додека лабуристите ја зголемија својата доверба кај нив за четири процентни поени, достигнувајќи 37 отсто.
Џонсон на предвремените избори во 2019 година освои 365 од 650-те места во Долниот дом на британскиот Парламент, што претставуваше најголемо мнозинство на Конзервативната партија од победата на Маргарет Тачер во 1987 година.
Џонсон од пред два дена наметна нови ограничувања во Англија, само неколку часа откако се извини за видеото на кое се прикажува неговиот персонал како се смее на забава во Даунинг стрит за време на локдаунот за Божиќ 2020 година поради Ковид-19, кога таквите прослави беа забранети.
Тајмс пишува дека три четвртини од Британците веруваат дека се одржала божиќна забава на која биле прекршени правилата за коронавирус, а 68 отсто од анкетираните веруваат дека Џонсон не ја кажувал вистината кога тоа го негираше.